Маркови кули



  Маркови кули е локалитет кој се наоѓа во централниот дел на Македонија во непосредна близина на градот Прилеп.Составен е од бројни денудациони форми коишто претставуваат извонредна скулптура на релјефот. Оваа феноменална појава на богатство на облици, се должи, пред се, на геолошкиот состав на теренот u(кој е изграден од метаморфни карпи-гнајсеви кои се пробиени од помладите гранити-гранодиорити), климата, релјефот и растителната покривка. Според современите геохронолошки испитувања, гранитите интрудирале пред околу 300 милиони години во постарите гнајсеви, чија старост е проценета на околу 700 милиони години. Просторот на Маркови Кули, во целина, го сочинуваат поголем број импозантни грамади поврзани во две паралелни низи со правец на протегање север-северозапад, југ-југоисток, чија надморска висина постепено се зголемува од југ кон север. Двете низи грамади во северниот дел се сврзани со највисоките врвови: Златоврв (1422 м) и Липа (1392 м). Низ целиот овој масив се истакнуваат најразновидни форми во вид на врвови и остенци, столбови и запци, печурки, плочи, топки, пештерски и котлести длабнатини. Природните структури на карпите, потекнуваат од времето на консолидација на магмата која ладејќи се, лачела свероидни и паралелопипедни блокови. Низ четиридецениските археолошки истражувања, откриени се остатоци коишто укажуваат на постоење на раноантичка населба - Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни украси од една ранохристијанска базилика. Обѕидието на овој терен потекнува од XIII до XIV век и се наоѓа во добра состојба. Ѕидовите се со широчина од околу еден метар, изградени од послаб варовен малтер и се потпираат на големите варовни карпи. Акрополата била поделена на помали простории со внатрешни преградни ѕидови. Тука се наоѓал и дворецот на кралот Волкашин и Марко. Сложената основа на влезниот портал говори за повеќе доградувања и реконструкции на просторот. Според некои историски наоди, оваа тврдина, до втората половина на XIII век, па и подоцна, ја бранеле само 40 војници. Населбата била сместена јужно од акрополата, расположена на околу 3,6 хектари. На нејзиниот северен ѕид стои двојна порта, како и голема стражарска куќа, поставена помеѓу влезовите. На јужниот ѕид стојат добро сочувани три кули. Најдолниот појас на обѕидието се состои од низа куси ѕидови влечени во искрќена линија. Во западниот дел се наоѓаат гробови всечени во карпа. Во XIV век, овој дел служел како привремено прибежиште на околните жители од турската наезда. По смртта на кралот Марко, во 1395 година, оваа населба била заземена од турската стража, поради што животот во неа згаснал во целост. Жителите на некогашната населба свое засолниште побарале во блиската околија. Така, во подножјето на Маркови Кули, се развила населба со разретчена структура, поделена во неколку маала во кои секое имало своја црква. Оваа нова населба од XIV век го добила името варош.

Comments

Popular posts from this blog

Прилепско езеро

Стара чаршија